Шест години затвор за Јакимовски, ексшефот на кабинетот на Мијалков

23

Основниот кривичен суд во Скопје го осуди Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на 6 години затвор во предметот „Специјална каса”, соопштија од Судот. Оваа пресуда не е правосилна и странките имаат право на жалба на пресудата.

Неговиот колега од УБК Стево Маџовски доби казна затвор од 4 години, а третообвинетата Кристина Јосифовска доби ослободителна пресуда.

Тие беа обвинети за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања.

„Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата за предметот со КОК бр. 101/19 во јавноста познат како „Специјална каса” според која обвинетите Т.Ј. и С.М. ги огласи за виновни за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353 ст.5 в.в со ст.1 од КЗ и ги осудува на казна затвор и тоа: Т.Ј. на казна затвор во траење од 6 години во која казна му се засметува времето поминато во притвор, С.М. го осудува на казна затвор во траење од 4 години”, велат од Судот.

Судот утврдил дека обвинетите подигале парични средства за потребите на касата за исплата на средства за посебни намени за УБК, но воедно утврдено е дека евиденцијата за потрошените парични средства се уништени заедно со документацијата за исплата, односно главната книга за евиденција без за тоа да постои посебно одобрение од директорот на Управата и без за тоа да биде формирана комисија за ништење на материјална документација.