Шефот на турската дипломатија Чавушоглу во посета на Ирак

19

Министерот за надворешни работи на Турција Мевљут Чавушоглу утре ќе го посети Ирак во обид да се намалат тензиите по иранскиот ракетен напад врз две бази во таа земја што ги користат американските сили, соопшти турското Министерство за надворешни работи. Претходно од таму наведоа дека Чавушоглу разговарал со иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф.

Шефот на турската дипломатија во понеделникот изјави дека тие контактираат со сите страни во регионот, како и со Вашингтон со цел да се намалат тензиите. Тој при тоа наведе дека Анкара ќе се ангажира да помогне во решавање на тоа прашање.

Посетата на Чавушоглу следува и откако Иран испука повеќе балистички ракети од неговата територија и погоди најмалку две воени бази во Ирак во кои беа американски војници. Иран ова го смета за одмазда за американскиот воздушен напад во кој минатата недела загина иранскиот генерал Касем Солејмани.