Јавното обвинителство потпиша Декларацијата за формирање на регионалната компонента

6

Делегација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, составена од јавните обвинители Ферат Елези и Анита Тополова Исајловска, денеска во Виена учествуваше на регионалниот настан по повод формирањето на регионалната компонента на GlobE – Глобалната оперативна мрежа на антикорупциски органи, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител Елези при потпишувањето на Декларацијата за формирање на регионалната компонента истакнал дека важна придобивка од воспоставувањето на регионалната компонента на мрежата ќе биде поставената цел за подигање на јавната свест за штетните ефекти на корупцијата врз општеството и за промоција на важноста на интегритетот, транспарентноста и одговорноста во јавните институции.

– Предвидената програма за поддршка преку обуки и техничка помош, пак, ќе ни овозможи за релативно кратко време да ги изградиме нашите капацитети како институции за значително да ги зајакнеме напорите во борбата против корупцијата и да го зголемиме повратот на нелегално стекнатиот имот, нагласи Елези и додаде дека очекуваат по целосното воспоставување и функционалност, регионалната компонента на мрежата значително да го олесни постапувањето на земјите од Западниот Балкан во предметите кои вклучуваат борба против корупција и конфискација на имот, како постапки кои се директно условени од меѓусебна соработка и размена на информации.

Статистичките податоци на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија покажуваат дека барањата за размена на информации и за меѓународна правна помош кои го олеснуваат кривичниот прогон на корупцијата се најбројни токму со земјите од регионот.

– Тоа е разбирливо со оглед на близината и поврзаноста на нашите земји, која придонесува и сторителите на кривични дела лесно да ги префрлаат своите илегални активности преку границите во обид да ги прикријат. Затоа брзината и квалитетот на нашата регионална соработка со која се обидуваме да ги пресретнеме ваквите криминални активности директно влијае врз ефикасноста на кривичниот прогон. Како обвинителство ние сме отворени за соработка и секогаш се трудиме да им излеземе во пресрет на земјите- баратели, со цел сторителите на кривичните дела за кои се водат постапки да бидат изведени пред лицето на правдата и да ги добијат заслужените казни, истакна јавниот обвинител Елези на настанот.

Како што најавија, регионалната компонента на GlobE – Западен Балкан ќе се состои од антикорупциски органи од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Учеството во оваа мрежа, формирана со цел да придонесе во размената на искуства и меѓународната соработка при кривичниот прогон на сторителите на коруптивни дела, е од големо значење.

Во рамките на мрежата, од Република Северна Македонија учествуваат Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција.