Јетон Шаќири предлог за министер за информатичко општество и администрација

70

Јетон Шаќири е предлогот на ДУИ за нов министер за информатичко општество и администрација, потврдија од партијата за Радио Слободна Европа. Шаќири е професор на Меѓународниот универзитет во Струга. Тој е последното име со кое се комплетира листата на нови министри во Владата.

Во новата Влада која ја сочинуваат старите коалициски партнери СДСМ, ДУИ и ДПА, ќе има седум министри помалку. Откако вчера беше избран старо новиот претседател на Собранието, Талат Џафери во законодавниот дом треба да бидат избрани и новите министри.

Шест министри во Владата ги задржуваат истите позиции- Радмила Шекеринска- одбрана, Венко Филипче- здравство, Оливер Спасовски, техничкиот премиер се враќа во Министерството за внатрешни работи, Насер Нуредини останува во животна средина, Крешник Бектеши во економија и Горан Милевски во локална самоуправа. Нови министри, пак, стануваат Бојан Маричиќ во правда, Ирена Стефоска во култура, Јагода Шахпаска во труд и социјала, Благој Бочварски во транспорт и врски, Артан Груби, кој ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Аријанит Хоџа во министерството за земјоделство.

Има и неколку ротации- Бујар Османи од вицепремиер за европски прашања оди во Министерството за надворешни работи, од таму во ресорот кој досега го водеше, заминува досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска сега ќе го води секторот образование, а Фатмир Бесими, кој досега во различни влади беше министер за економија, за одбрана и вицепремиер за европски прашања, сега ќе биде министер за финансии.