Ќе се патува ли меѓу Македонија и Кина без визи?

67

Ќе патуваат ли Македонците во Кина и Кинезите во Македонија без визи? Безвизен режим меѓу двете земји е идејата на која кинескиот амбасадор најави дека годинава ќе се работи интензивно. Минатата година земјава ја посетиле 14 илјади кинески туристи, а трговскиот обем меѓу двете земји достигнал околу 650 милиони американски долари. Со тоа, Кина останува најголемиот трговски партнер на Македонија надвор од Европа, но Кинезите сакаат да ја прошират соработката во повеќе сфери, како трговијата, инвестициите, енергетиката, земјоделството и туризмот.

Од воспоставувањето на дипломатските односи до денес, Кина обезбедила финансиска помош од 45 милиони евра. Опфатени се сферите на образованито, медицината и научните истражувања. Кинескиот амбасадор не кажа конкретно какви инвестиции планира Кина во Македонија за годинава, но рече дека фокусот ќе биде на земјоделските продукти, културата, туризмот и заштитата на животната средина.Спомна дека земјава, користејќи кредити од Кина со ниска камата,го пушти во употреба автопатот Миладиновци-Штип, а завршен беше и најкомплицираниот дел од тунелот на автопатот Кичево-Охрид. Изјави дека, уште во првата половина на годината, лидерите на Кина и земјите од Централна и Источна Европа ќе одржат самит за поквалитетна соработка. Односите со Европа ги означи како стабилни, а неминовно го спомна и Хонг Конг, нагласувајќи дека Кина решително ќе се бори против надворешните сили, кои им се мешаат во внатрешните работи, со цел одлучно да ги пресечат „црните раце“, кои се обидуваат да создадат „шарена револуција“ во Хонг Конг. Нагласи и дека се важен дел од меѓународната кауза за борба против тероризмот и дека категорично се спротивставуваат на какви било официјални односи меѓу Тајван и земјите кои имаат дипломатски односи со Кина.