4.131 вработувања во државната управа за 2 месеци

8

Заменската министерка во Министерството за информатичко општество и администрација, Невена Стаменковска Стојковски, обелодени дека за период од само 2 месеци распишани биле огласи за вкупно 4.131 работно место во јавната администрација и државните претпријатија.

Според неа, фрапантно е што овие огласи се распишале по 6 ноември, кога се обзнани дека ќе се формира техничка влада и ќе има предвремени избори.

Стаменковска Стојковски вели дека голем дел од огласите биле за вработувања во институции каде администрацијата е пренатрупана или, пак, во државни фирми каде едвај се обезбедуваат пари за плата за вработените.

Заменската министерка вели дека ќе ги преиспита сите огласи и ќе ја провери нивната оправданост, особено за оние работни места каде платата се движи помеѓу 40.000 и 60.000 денари.

Доколку се утврди каква било неправилност, Стаменковска Стојковски ќе побара поништување на огласите.