Костовски со нов повик: Бара истрага за случајот со Еуростандард банка

13

Акционерот во Еуростандард банка, Трифун Костовски, денеска преку отворено писмо бара од претседателот на Собранието, Обвинителството за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупцијата и Министерството за внатрешни работи да се вклучат во истрагата околу случајот со банката на која на 12 август Народната банка ѝ ја одзеде лиценцата за работа.

„Овој случај изобилува со недоследности од страна на надлежните институции и многу нејаснотии за носењето на оваа одлука. Ги молам институциите, да почнат да дејствуваат по принципот на допрен глас“,

се вели во писмото на Костовски.
Пред неколку дена, пак, Костовски преку јавен повик побараа поддршка за преиспитување на одлуката за затворање на банката.

Побара од сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка, Народна банка, да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба.

Костовски тврди дека потенцијални купувачи на банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор.

Од Народна банка му одговорија дека дозволата за основање и работење на банката е укината поради несолвентност на банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор кој ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка.

Вчера пратениците на Левица побараа собраниска седница за пратенички прашања на која ќе се расправа за случајот со Еуростандард банка, и на која бараат да присуствуваат министерката за финансии во заминување Нина Ангеловска и гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска.

Народната банка на 12 август ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка – Скопје поради неисполнување минимални законски услови за работење.

Костовски веднаш потоа обвини дека случајот е сценарио коешто е правено со месеци наназад за никој да не знае само блиски до тие кругови од НБ навреме биле известени да си ги повлечат парите и најави тужба против државата и НБРМ пред меѓународен суд.

Од НБ најавија дека ќе го тужат за изнесените невистини.