Средба на Џафери со амбасадорите Жбогар и Брнз

9

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска во неговиот кабинет ги прими амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар и американската амбасадорка Кејт Брнз.

-На средбата со Брнз, Џафери изрази благодарност за поддршката што американската амбасада и САД и ја даваат на Република Северна Македонија, при што истакна дека за нас е од суштинско значење задржаниот фокус на Соединетите Американски Држави кон нашата земја и регионот во целина, информира собраниската прес-служба.

Амбасадорката Брнз му честиташе на Џафери за успешно спроведените парламентарни избори, за формирањето на институциите и за неговиот реизбор на функцијата претседател на законодавниот дом.

Претседателот Џафери се заблагодари за досегашната соработка со Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија и лично на амбасадорот Жбогар за неговиот придонес во процесите кои имаа позитивна пресвртница во евроатланскиот пат на земјата и му посака успех во неговите идни професионални ангажмани. Тој го потенцираше значењето на динамичната соработка со институциите на Европската унија, особено Европската комисија и Европскиот парламент како долгогодишни поддржувачи на нашите интеграциски процеси.

Претседателот Џафери го поздрави дијалогот Жан Моне како успешна алатка за унапредување на политичкиот дијалог во Собранието и изрази надеж дека Собранието активно ќе ги поддржи преговорите за членство на земјата во Европската унија.