Ако не се намали бројот на новозаразени, ќе се продолжи полицискиот час и ќе се скрати работата на кафеаните

94

Продолжување на полицискиот час и скратување на работата на угостителските објекти би биле евентуалните рестрикции што следно би се презеле доколку не се смири бранот на новозаболени со ковид во земјава, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Но, како што рече, тие се сега само евентуални бидејќи во моментов проценката е дека ситуацијата треба да остане како што е.

Филипче рече дека по неколку дена со илјада и над илјада новозаразени за еден ден, денеска нивниот број е под илјада. Најави дека ќе се следи ситуацијата викендов и на почетокот на следната недела Комисијата за заразни болести ќе ги анализира податоците.

Тој е уверен дека полицискиот час што сега е во сила ги дава очекуваните резултати и дека бројот на новозаразени ќе опаѓа.

Она од што ќе се води Комисијата во проценка на ситуацијата е динамиката на новозаболени, приемот во болниците и нивниот капацитет на слободни кревети.

По одлуката на некои школи да ја заменат физичката настава на пониските одделенија со онлајн настава, Филипче рече дека се работи за индивидуални примери и дека засега останува досегашниот систем кој се однесува на цела држава, за настава со физичко присуство на пониските одделенија и за онлајн настава на сите други, со извесни исклучоци.