Апелација им ги укина куќните притвори на Драги Рашковски и Трајко Вељаноски

3

Апелацискиот суд во Скопје вчера донел одлука да ги прифати гаранциите и да им ги укине притворите на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Рашковски е пуштен на слобода со гаранција од 192 980 евра, потврдија од Апелација за „360 степени“. Гаранцијата, според нашите информации, се состои од недвижен имот во Струмица и стан во Скопје.

Тој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари во случај кој опфаќа набавки направени од генералниот секретаријат на Владата околу два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, а исто така и исплата на хонорари од коишто, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе. Судскиот процес требаше да почне на 25 јануари, но се одложи за 24 февруари, бидејќи дел од списите на предметот се наоѓаат во Апелација бидејќи која треба да одлучува и за жалби за замрзнување имот и за издвојување докази, но и затоа што една од обвинетите беше отсутна на првото рочиште.

Трајчева за случајот со Рашковски: Имаме докази со кои ќе се докажат сите факти
Рашковски најавува интересно судење: Ова ни Холивуд не може да го режира
Рашковски по отворањето на истрагата на 16 април лани доби куќен притвор, но по жалба на Обвинителството одлуката беше преиначена и тој пет дена подоцна доби ефективен притвор кој го издржуваше во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Меѓутоа, таму се задржа околу месец и половина бидејќи на 4 јуни 2021, со одлука на Апелација, мерката ефективен притвор му беше заменета со куќен. Рашковски и тогаш нудеше гаранција за да се брани од слобода, но од околу 500 000 евра и таа беше одбиена. Во куќен притвор тој остана сè до вчера.

Трајко Вељаноски, пак, се наоѓаше во куќен притвор за предметот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“. Во овој случај, со пресуда од Основниот кривичен суд Скопје изречена на 26 јули лани, тој е осуден на 6,5 години затвор. Пресудата сè уште не е неправосилна со оглед дека Апелација треба да одлучи за поднесените жалби од странките.

Гаранцијата што ја понудил Вељаноски за да излезе од притвор изнесува 209 791 евро, и според нашите информации се состои од недвижен имот, односно станува збор за куќата во којашто живее.

И за Рашковски и за Вељаноски одредени се мерки на претпазливост: одземање на пасошите и обврска да се јавуваат во судот на определено време.