До нас е

26

Случајот Рекет дојде како цреша на тортата. Сопственик на провладин медиум, шефицата на СЈО- институцијата која мнозинството граѓани ја гледаа како спас за правната држава, се обвинети за милионски рекет. Владини и собраниски функционери на СДСМ се предмет на истрага

Од Арменд НУХИУ

Иако нашата земја направи крупни чекори во нејзиното етаблирање во евроатланските структури- Преспанскиот договор, со кое се реши долгогодишниот спор за името на државата, Договорот со Бугарија, со кој се помогна да се подобри регионалниот контекст и позицијата на државата, како и Законот за јазици, што доведе и допрва ќе придонесе во подобра лојалност на албанските граѓани кон Северна Македонија и покохезивно општество, сепак крајниот епилог-за сега, е половичен.

Извесно е членството во НАТО, со кое нашата земја ја бетонира нејзината стабилнот и сигурност во регионални и меѓународни рамки.

Што се однесува до започнувањето на преговори со ЕУ, ситуацијата ја знаеме сите. Франција (но не само таа, иако перцепцијата главно е насочена кон Франција) ни стави неофицијално вето за реализирање на оваа наша цел. Почнаа хистерии, напаѓања, навреди кон Петтата Република.

Причините, иако владините представници и медиумски експоненти ги бараа само во француската внатрешна политика, се повеќедимензионални. Потоа, за кратко дојде отрезнување. И воочување дека всушност, ЕУ е поинаков организам од НАТО, за каде се доволни Копенхашките критериуми и политичка воља.

ЕУ бара услови, нормални за Западниот свет, а за нас сеуште ниту започнати. Бара правна држава и ефикасен судски систем. Ги немаме. Ни едното, ни другото, барем засега.

Владата на премиерот Заев во предизборната кампања во 2016 ветуваше реизбор на судиите, нешто што од граѓаните беше дочекано со воодушевување, поради очигледната спрега на судско-обвинителската вчаст со извршната власт на бегалецот во Будимпешта.

Но, што се случи?

Истите судии кои му слугуваа на Груевски, само ја свртеа страната. Станаа извршители на Заев.

Главните ликови на бизнис-политичката елита на претходната власт, иако се обвинети, не се осудени, не се дури ни во притвор. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ, главните актери кои ги отворија вратите на Собранието, се на слобода, амнестирани, поради гласањето на уставните измени за промена на името на државата.

Овие збиднувања го зголемија бројот на разочарани луѓе кои очекуваа право и правда. Нема правда, нема мир беше слоганот на граѓаните кои протестираа против Сваровски судството.

Колку гротескно звучи сега оваа фраза….

Случајот Рекет дојде како цреша на тортата. Сопственик на провладин медиум, шефицата на СЈО- институцијата која мнозинството граѓани ја гледаа како спас за правната држава, се обвинети за милионски рекет. Владини и собраниски функционери на СДСМ се предмет на истрага.

Админитрацијата е пренатрупана со партиски кадри, и е двојно поголема од потребниот број за ефикасна државна и јавна администрација. Опшината каде што живеам, Тетово, има над 500 вработени. Во 2010 имаше 130.

Дишеме најзагаден воздух во Европа, а за жал, нема ни сериозни ободи да се реши ова горливо прашање.

Сепак, до нас ќе е.

Не ќе е до Франција, Макрон и Тимоние.