ЕВРОТО ВО ХРВАТСКА ОД 1.ЈАНУАРИ 2023: Земјата денеска ќе добие „зелено светло“ за влез во Еврозоната

2

Со свечената церемонија на потпишување на договорот за прифаќање на заедничката валута на еврото, Хрватска денеска и официјално ќе добие „зелено светло“ од 1 јануари 2023 година да стане 20-та членка на еврозоната.

Денеска ќе биде објавен курсот на претходната хрватска валута куни во евро, а хрватскиот министер за финансии Здравко Мариќ вели дека од септември во земјава ќе биде задолжително прикажување на цените во двете валути.

Тој во Брисел истакна дека е „голем и историски“ ден за Хрватска.

„Ова е добра и позитивна вест не само за Хрватска туку и за целата еврозона. Курсот на еврото и доларот се приближија многу, пазарите испраќаат различни сигнали, голема неизвесност и шпекулации за развојот на состојбите во наредниот период. Во морето од такви информации, повеќе од добредојдена е позитивната за влезот на Хрватска во еврозоната“, изјави Мариќ од Брисел.

Пред почетокот на состанокот на министрите за финансии на ЕУ, на чии маргини во 13 часот ќе се одржи церемонијата на потпишување на договорот за пристапување на Хрватска во групата европски земји со заедничка валута еврото, Мариќ оцени дека нема знаци на забавување на економските активности во Хрватска и ЕУ и по големата рецесија поради пандемијата на корона вирусот.

Тој рече дека во услови на сегашно зголемување на инфлацијата не смее да се заборави и на понатамошна работа на економски раст и вработување.

Од Загреб најавуваат дека Хрватска ќе работи на тоа при конверзија на куната во евро да не дојде до таканареченото „заокружување на цените“, што некои претходни земји ги турна на повисока инфлација при влезот во еврозоната.