ЗНМ: МНР ги корумпира медиумите со кампањата од 100.000 евра за претседавањето со ОБСЕ

3

 

Министерството за надворешни работи (МНР) ги корумпира медиумите со промотивни кампањи во приватни медиуми вредни 100.000 евра, реагираат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).  Реакцијата следува откако МНР со приватна маркетинг агенција склучи договор од 100.000 евра за пиар кампања за претседавањето со ОБСЕ. Од ЗНМ велат дека ваквата постапка на МНР е во спротивност на владината одлука од 22 август 2017, со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми.

„Оваа пракса на скап и селективен начин на откупување на медиумски простор преку владини кампањи не може да се смета како поддршка на медиумите, туку како обид за нивно корумпирање и истовремено за промоција на политичка пропаганда на штета на јавниот интерес. Алармираме дека праксата за плаќање на владини кампањи во медиумите со пари на граѓаните, освен што е незаконска и во спротивност со претходни владини одлуки, истата може да ги поттикне и останатите јавни институции да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар“, велат од ЗНМ.

Претседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година. Министерот Бујар Османи ќе ја презентира програмата на македонското претседавање, пред Постојаниот совет на ОБСЕ, во Виена на 12 јануари.