France Football ја откажа Златната топка за 2020 година

17

Наведувајќи недостаток на фер услови поради прекинот поради пандемијата со коронавирусот, France Football одлучи оваа сезона да не ја додели престижната награда.

Оваа 2020 година нема да има освојувач на наградата Златна топка, или познатата под оригиналното име Ballon d’Or. Наградата во која изминативе години доминираа Лео Меси и Кристијано Роналдо се очекуваше конечно да добие нов победник, но тоа нема да се случи.

France Football сметаат дека големиот прекин поради коронавирусот, како и тоа што некои првенства воопшто не продолжија, како француското, создаваат нефер услови во кои некои фудбалери имаат предност пред другите. На пример, Килјан Мбапе дефинитивно ќе беше еден од кандидатите, но бидејќи игра за ПСЖ во прекинатата Лиг 1, тој е лишен од фер шанса еднакво да конкурира со останатите.

Од 2008 година кога за првпат ја освои Кристијано Роналдо, до лани тој и Меси ја освоија вкупно 11 пати, а само во 2018 Лука Модриќ успеа да им ја украде. Меси е рекордер со 6 титули (2019, 2015, 2012, 2011, 2010 и 2009), додека Роналдо има 5 (2017, 2016, 2014, 2013 и 2008).

Златната топка за првпат се додели во 1956 кога ја освои Англичанецот Стенли Метјуз. Од 1995 организаторот одлучи за наградата да конкурираат и неевропски фудбалери кои настапуваат во Европа, а истата година Либериецот Жорж Веа стана првиот странец кој ја добил.