„Вклучи, не исклучувај“ – изложба, промоција на книга и филм

28

Во среда, 11 март, во Младинскиот културен центар во Скопје е најавен настанот „Вклучи, не исклучувај“ – во чии рамки ќе биде прикажана изложба, промоција на книга и филм.

На настанот ќе биде промовирана дизајн-книгата „Social Inclusion“, како и краткометражниот документарен филм насловен „Include, NOT Exclude”, во рамки на проектот „Вклучи, не исклучувај“ – 12. Скопје постер фестивал, поддржан од Амбасадата на Швајцарија.

На настанот за прв пат ќе бидат изложени и плакатите на победниците на конкурсот за постер на тема „Инклузија, не ексклузија“, кои во јуни 2019 та, работеа во рамки на 1-та Летна школа за дизајн, организирана од Плакарт во Преспа.

„Плакатите, за што ќе се убедите, презентираат цврст став за разбивање на стигмите и табуата поврзани со лицата од социјалната маргина, дискриминираните и несоодветно вклучените индивидуи и општествени групи. Ќе имате несекојдневна прилика да се уверите дека дизајнот е моќна и впечатлива алатка која докажува дека горлите теми, како што е инклузијата, токму преку медиумите кои се користени и ќе бидат презентирани – книга, филм и изложба на плакати – придонесува за подобра прифатеност и перцепција, описменување, дури и од страна на скептиците, стигматизаторите, нетолерантните“, појаснуваат организаторите.

Како дел од настанот е и мини дебатата „Дизајнирање еднаквост и инклузија“ каде ќе учествуваат Костадин Танчев – Динка, дел од жирото на Постер фестивал, дизајнерот Игор Делов и Гере Трипков, претседател на Икуалити, Здружение за промоција на правата на лица со попреченост.