Владата го утврди текстот на Предлог-законот за јавно обвинителство

9

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за јавното обвинителство за кој е одлучено да оди нa усвојување во Собранието по скратена постапка, информира владината прес-служба.

Утврдениот Предлог-закон, како што посочуваат од Владата, е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирање на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка.

Решението на Предлог-законот гарантира дека сите судски процеси кои беа во надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази, се вели во соопштението од Владата.

Новина во Предлог-законот, според Владата, е изборот на јавен обвинител во обвинителството за организиран криминал и корупција кој ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија. За Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Советот ќе го именува кандидатот кој што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите согласно овој закон.

За законот за јавно обвинителство ќе гласаат и независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека за да се постигне консензус за законот, постигнале согласност, со што предметите што ги водеше специјалното обвинителство ги преземаат јавните обвинителства, потоа обвинение да не може да се заснова на прислушуваните материјали.

Во обвинението за случаите Талир еден и два, за финасирањето на ВМРО –ДПМНЕ, кои се поднесени по законскиот рок, како докази нема да се користат прислушуваните материјали.

Законот за обвинителство, велат од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе почне да се применува од 30-ти јуни оваа година и ќе го усогласи кривичното законодавство со европските стандарди.

Независните пратеници апелираат и нивната матична партија да даде конструктивни и издржани амандмани , за да се донесе закон во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да се помогне во евроатланските процеси.