„Паразит“ го порази Холивуд, „Медена земја“ остана без Оскар

99

Јужнокорејската траги-комедија „Паразит“ е голем победник на 92 издание на американски филмски награди. Хоакин Феникс во машка и Рене Зелвегер во женска конкуренција се закитија со Оскари за најдобри улоги.

„Паразит“ испиша историја откако стана прв филм награден со Оскар кој не е од англиско говорно подрачје во главната категорија. Македонскиот „Медена земја“ не успеа да стигне до Оскар и покрај двете номинации.

Филмот кој се занимава со јазот меѓу богатите и сиромашните во Јужна Кореја освои четири Оскари, меѓудругите и за најдобра режија и за оригинално сценарио за Бонг Џон Хо. Ниту еден филм во историјата не освоил Оскар за најдобар филм и за најдобар филм од странско говорно подрачје.

Во категоријата најдобар актер немаше изненадувања- Хоакин Феникс го доби највисокото американско филмско признание за улогата во филмот „Џокер“, а Рене Зелвегер беше наградена за интерпретацијата на Џуди Гарланд во филмот „Џуди“.
Филмот за Првата светска војна „1917“, кој се сметаше за фаворит во водечките категории, на крајот заврши само со три награди од 10 номинации- за камера, визуелни ефекти и звук.

Сентименталниот филм на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“ му го донесе првиот Оскар- за најдобра споредна улога- на Бред Пит. Лора Дерн го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога во филмот „Брачна приказна“.

Губитник на вечерта е „Ирецот“ на Мартин Скорсезе кој заврши со празни раце и покрај номинациите во 10 категории.

Македонскиот „Медена земја“ не успеа да стане првиот филм од земјата со Оскар, и покрај историската номинација во две категории- најдобар документарец и најдобар странски филм.

„Американска фабрика“- првиот филм на компанијата на Барак и Мишел Обама- го однесе Оскарот во категоријата на документарни филмови, додека „Паразит“ ги собра гласовите во другата.

Тимот на „Медена земја“ преку социјалните мрежи се заблагодари на големата поддршка и порача дека биле почестени што биле номинирани.

Главната протагонистка, Атиџе Муратова од Лос Анџелес порача дека нејзиниот живот по снимањето на филмот драматично се променил.
„Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“, порачува Атиџе Муратова.