Влада: Прво законски измени, па потоа примена на новите мерки

43

Владата со правен механизам ќе ги усвојувапредлозите на Комисијата за заштита од заразни болести за носење заштитна маска на отворено и за забрана за групирање по домови, но и надвор по 22 часот.

Од “Илинденска” образложија дека за да се прифатат трите предлог мерки потребно е да се направат измени во Законот за заштита на населението од заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче за Канал 5 вели дека ќе се интервенира преку амандман на овој закон кој веќе се наоѓа во собраниска процедура.

„Со оглед на тоа за носење на лична опрема и ограничување на групирањето треба да има законска основа за да се контролира и казнува а има уредба со законска сила уште за вонредната состојба што го регулира носењето на маските, ние требаше да најдеме правен механизам како ова да го ставиме во функција и најбрзо решение е практично измена на Законот за заштита на населението од заразни болести кој е веќе во собраниска процедура за друга причина пред некое време помина на Влада за да се стави Ковид за заразно заболување на таа листа.”- вели Филипче.

Станува збор за рестриктивни и заштитни мерки кои минатата недела беа најавени по скокот на бројот на новозаразени. Меѓу нив е предлогот за задолжително носење на маска или прекривка на устата и носот на отворено, дури и кога лицето се движи само. Исклучок за ова би биле децата до шест години, при транспорт во возило со членови од семејството, при спортување и при седење во угостителски објекти. Другата мерка е забрана на групирање на повеќе од четири лица по 22 часот, а трета предвидува забрана за масовни семејни собирања. едно семејство ќе може да прими најмногу четворица гости.

Министерот Филипче очекува дека процедурата ќе биде брзо завршена.

“ Законот е веќе во собраниска процедура, денеска разговарав со дел од пратениците амандмански ќе интервенираме и веќе во следниот период ќе биде ставен на соодветните седници на комисиите, односно пленарна седница на Собранието.” – вели Филипче.

Во последните 24 часа од направени 680 тестови регистирани се 80 новозаразени со коронавирусот.Рекордер на новозаразени останува главниот град. Во Скопје се регистирани 54 новозаразени. За жал, во црната статистика влегоа уште три лица на возраст од 48, 68, 78 години.