ВМРО-ДПМНЕ бара денеска пратениците да расправаат за распуштање на Собранието

5

Очекуваме утре да го ставите на дневен ред нашиот предлог за распуштање на Собранието и распишување на предвремени избори, изјави вчера координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. За денеска се закажани само седници на собраниски комисии. Пред неколку дена Талат Џафери најави дека Собранието ќе се распушти на 16 февруари.

Вчера пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го потсетија претседателот на Собранието Талат Џфери на нивната иницијативата за распуштање на ова Собрание и да се распишат предвремени парламентарни избори.

„Господине Талат Џафери, денес се гласа Протоколот за членство на земјава во НАТО. Очекуваме, или да ја уважите иницијативата која ја испративме за распуштање на ова Собрание, или пак вашата, затоа што очекуваме утре да ја ставите точката на дневен ред, да се распушти парламентот и да се распишат предвремени парламентарни избори на кои народот ќе одлучува и ќе ја преземе судбината на оваа земја во свои раце“, порача Мицевски во обраќањето.

Џафери пред два дена изјави дека постои можност тоа на 16-ти февруари да се распушти. За оваа собраниска одлука потребни се најмалку 61 глас.