Деркоски: Граѓаните да не се плашат за своето здравје на денот на гласањето

14

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски денеска ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и да не се плашат за своето здравје бидејќи се преземени сите мерки за заштита на гласачките места.

Деркоски како прв човек на ДИК утрово беше на увид на дистрибуцијата на доверливиот материјалот за гласање што ќе се користи на претстојните вонредни парламентарни избори, а е изработен од АД печатница „Киро Дандаро“-Битола.

Материјалот денеска ќе биде доставен до сите општински изборни комисии, а тие, пак, во текот на утрешниот ден материјалот ќе го достават до избирачките одбори. Рече дека подготовките на ДИК за целиот изборен процес се одвиваат непречено, со посебен акцент на делот што се однесува на заштитата на здравјето на граѓаните.

„Ги повикувам граѓаните масовно да излезат на гласање, да не се плашат за своето здравје затоа што ние се погриживме да ги снабдиме сите избирачки одбори со заштитен материјал маски, за да и оние граѓани кои не можат да купат или не носат заштитна маска од кои било причини, сепак да добијат заштитна маска, да гласаат и да го остварат своето право на глас“,

истакна Деркоски.
Како мал проблем, Деркоски го посочи барањето за изземање на здравствени работници и нивно откажување за учество на гласањето што ќе се спроведе во понеделник, но како што рече, тие се надминуваат и се ќе се одвива според роковникот и уредбата со законска сила.

Во печатницата АД „Киро Дандаро“-Битола изработени се 1 814 263 гласачки ливчиња со висок квалитет и со 20 форми на заштита без никаква можност за фалсификат, изјави директорот на печатницата во овој град, Драги Милошевски.