Додик: Република Српска ќе биде самостојна и ќе најде начин за државен облик со Србија

7

Останувањето на Република Српска во БиХ е можно само под услов со закон да се уреди работата на уставниот суд на БиХ, изјави српскиот член на претседателството на БиХ Милорад Додик.

Тој кажа дека ситуацијата во БиХ може да се реши со донесување закон за работата на уставниот суд и „исфрлање на странците“ од таа институција, за која вели дека е „креација на меѓународниот фактор“.

„Таму седат тројца странци кои со двата муслимански гласа постојано носат одлуки против РС и велат дека ние треба да ги почитуваме. Тие се дел од аранжманот кој треба да ја развласти Република Српска“, кажа Додик.

Тој уставниот суд на БиХ го нарече „окупациски“ и додаде дека во различни фази ја „развластува Република Српска“ почнувајќи од оспорувањето на грбот, знамето, химната и одбележувањето на Денот на РС, а сега, истакна, се тргна во одземање на имотните права на РС.

„Следната фаза би водела кон укинување на Република Српска и би кажале дека сето тоа е уставно и дека одлуките на уставниот суд мора да се почитуваат. Но, ова е прашање на суштината и доколку дозволиме да оди понатаму, ќе ја затвориме вратата за постоење на РС. Затоа не смее да оди понатаму“, кажа Додик.

Додаде дека БиХ е „невозможна земја за Србите“ и дека РС според повелбата на ОН има право на самоопределување.

„Доколку продолжат да нѐ развластуваат, мора да знаат дека сѐ има своја црвена линија. Немаме намера да креваме револуции, но имаме право да ги бараме правата кои важат за другите. Никого не условуваме, ова е наш легитимен политички чин и се обидуваме да направиме сѐ во институциите на системот“, кажа Додик.

Тој изрази уверување дека РС во децениите кои доаѓаат ќе биде самостојна и дека ќе најде начин „за државен облик со Србија“.

„Тоа е целта и секому му е јасно што се случува. Затоа во БиХ се обидуваат со уставни мерки што повеќе да ја развластат РС“, кажа Додик.

„БиХ не успеа да најде во себе аргументи за своето единство. БиХ денес е поделено општество по национална и територијална основа, а во политичка смисла е хетерогена и речиси невозможна за спојување“, заклучи тој.