Државата да се грижи за секој свој граѓанин, тие едни за други: Пендаровски честиташе 23 октомври

9

Македонија го одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Денеска е државен празник и неработен ден за сите граѓани. Претседателот Сево Пендаровски го честиташе празникот и рече дека на овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време.

„Тоа беа идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници. На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност. Денес, 127 години подоцна, наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор. Да ја градиме Република Северна Македонија во напредна европска држава со функционални и одговорни институции, со владеење на правото и со слободно и инклузивно општество, вели Пендаровски.

Претседателот вели дека годинава, празникот го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која нè потсети колку е испреплетена нашата судбина и колку ние луѓето сме ранливи, независно од нашите етнички, верски, политички и социјални разлики.

„Овој предизвик што ги надминува нашите разлики е истовремено и можност преку солидарноста да постигнеме граѓанско помирување кое ни е толку непходно. Солидарноста мора повторно да стане наша врвна индивидуална и општествена доблест. Само ако се грижиме едни за други, само ако државата се грижи за секој свој граѓанин, ќе има надеж за Република Северна Македонија, вели Пендаровски.

Впрочем на денешен датум 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев го формирале Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно македонската револуционерна организација (ВМРО) или Внатрешно македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО).

Денеска претставници на државата ќе положат цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје и во Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила.

На ниво на заменици министри како владина делегација, пред споменикот на Гоце Делчев цвеќе ќе положат заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски и заменик министерот за култура Седат Сулејмани. Цвеќе ќе положи и националниот координатор за воени и полициски ветерани Стојанче Ангелов и собраниска делегација во состав Марија Георгиевска и Жаклина Пешевска.

Во Богомила, во Спомен куќата на Петар Поп Арсов цвеќе ќе положи министерката за култура Ирена Стефоска. Цвеќе ќе положи и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозоски, како и пратениците Ненад Коциќ и Игор Здравковски.