Една година од војната против Украина: Дејствуваме заедно за да се обезбеди победа на меѓународното право

36

Историјата и правдата се на страната на Украина. Но, за да ја забрзаме историјата и да постигнеме правда, треба да ја засилиме нашата „тројна стратегија“. Знаеме дека ова е колективна задача. Затоа ЕУ смета на сите свои партнери, да дејствуваат во духот на заедничка одговорност и солидарност: да се осигура дека агресијата ќе пропадне и меѓународното право ќе надвладее

Од Жозеп БОРЕЛ

24 февруари 2022 година засекогаш ќе биде запаметен како денот кога Русија ја започна својата брутална, непровоцирана и незаконска инвазија на Украина. Ова беше и останува случај на чиста агресија и јасно нарушување на Повелбата на ОН. Оваа војна не е ниту “само европско прашање”, ниту пак се работи за “Западот против останатите”. Се работи за еден свет во кој сите сакаме да живееме: никој не е безбеден во еден свет каде што незаконската употреба на сила – од страна на една нуклеарна сила и постојана членка на Советот за безбедност – некако би станала “нормална работа”. Затоа, меѓународното право мора да се спроведува насекаде за да се заштитат сите од политиката на силата, уцената и воениот напад.

Една година подоцна, постои ризик луѓето да се привикнат на сликите на воените злосторства и ѕверствата што ги гледаат – бидејќи ги има толку многу, зборовите кои ги користиме почнуваат да го губат своето значење – бидејќи мораме да ги повторуваме толку често, се уморуваме и нашата решеност се намалува – бидејќи времето поминува и задачата е тешка.

Ова не можеме да го направиме. Бидејќи секој ден Русија постојано ја прекршува повелбата на ОН, создавајќи опасен преседан за целиот свет со својата империјалистичка политика. Секој ден, Русија постојано убива невини украински жени, мажи и деца, лансирајќи бран проектили врз градовите и цивилната инфраструктура. Секој ден Русија постојано шири лаги и измислици.

За Европската Унија и нашите партнери, нема алтернатива на останувањето на курсот на нашата “тројна стратегија”: поддршка на Украина, вршење притисок врз Русија да ја запре својата незаконска агресија и да му помогнеме на остатокот од светот да се справи со последиците.

Ова е она што го правиме веќе една година – и тоа успешно. Донесовме санкции без преседан; ја намаливме нашата зависност од руските фосилни горива; и во тесна соработка со клучните партнери ги намаливме за 50% приходите од енергија што Кремљ ги добива за финансирање на својата агресија. Работејќи заедно, ги ублаживме и глобалните бранови ефекти со опаѓање на цените на храната и енергијата, делумно благодарение на нашите „коридори на солидарноста„ и на иницијативата за Црноморско жито.

Не е доволно да се каже дека сакаме Украина да може да се одбрани – и требаат средства за тоа. Така, за прв пат досега, ЕУ испорача оружје на земја која е нападната. Навистина, ЕУ сега е водечки снабдувач на воена обука за украинскиот персонал за да може да ја брани својата земја. Исто така, нудиме значителна макрофинансиска и хуманитарна помош за поддршка на украинскиот народ. И решивме позитивно да одговориме на барањето на Украина за пристапување во ЕУ. Конечно, работиме на тоа да се осигури давање на одговорност за воените злосторства што ги изврши Русија.

Украина ја покажа својата извонредна издржливост, делумно благодарение на оваа поддршка. А Русија стана поизолирана, благодарение на глобалните санкции и меѓународната осуда од страна на огромното мнозинство држави во Генералното собрание на ОН. Нашата колективна цел е и останува демократска Украина која преовладува, истиснувајќи го напаѓачот, враќање на нејзиниот целосен суверенитет и, со тоа, враќање на меѓународната законитост.

Пред сè, сакаме мир во Украина, сеопфатен и траен мир кој е во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право. Поддршката за Украина и работата за мир одат рака под рака.

Агресивниот ревизионизам на Русија и нејзините пошироки дестабилизирачки потези се глобална закана, која влијае на Западен Балкан и земјите од Источното партнерство. Ги видовме ефектите на руската пропагандна машина, која се обидува да ги поттикне наследствата од минатото и гледаме напори од индустриски размери за манипулација со информации и странско мешање. Затоа ЕУ работи со партнерите, особено со нашите идни земји-членки, за да се спротивстави на оваа закана. Клучен дел од тоа е и поддршката на слободата на медиумите и политичкиот плурализам. Ние, исто така, ја зголемуваме нашата поддршка за напорите за решавање конфликти во Јужен Кавказ.

Во поширок контекст, руската инвазија уште еднаш подвлече дека земјите и луѓето мора да бидат слободни да ја одредуваат својата иднина. ЕУ јасно стави до знаење дека сме подготвени да одговориме на желбата на нашиот партнер и да ги интегрираме Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија во нашата Унија и работиме напорно за да ја оствариме оваа цел. Ова значи да работиме заедно за да изградиме поотпорни и поинклузивни општества и економии, да ги развиваме и заштитиме нашите демократии и да ја зајакнеме социјалната кохезија.

Историјата и правдата се на страната на Украина. Но, за да ја забрзаме историјата и да постигнеме правда, треба да ја засилиме нашата „тројна стратегија“. Знаеме дека ова е колективна задача. Затоа ЕУ смета на сите свои партнери, да дејствуваат во духот на заедничка одговорност и солидарност: да се осигура дека агресијата ќе пропадне и меѓународното право ќе надвладее.

(Авторот е висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија. Весникот КОХА го има ексклузивното право да го објави овој текст)