Заев за ТВ 21: Денешната процедура во Собранието ќе трае до доцна, предлогот за влада најверојатно утре

49

Веројатно утре наутро ќе биде поднесен предлогот за состав на влада, изјави мандатарот Зоран Заев за ТВ 21.

Тој во изјавата вели дека денеска се очекува да се утврди бројот на потпретседатели на парламентот и да се верифицираат мандатите на пратениците кои влегуваат на местата на оние пратеници кои се предложени за функции во извршната власт.

„Денеска до доцна ќе трае процедурата за верификација на мандатите, затоа што се најмалку 9 одлуки. Кога ќе заврши оваа процедура, ќе го поднесам предлогот за влада. Веројатно утре наутро ќе биде поднесен предлогот за влада. Потоа следуваат неколку дена пратениците да се запознаат со владината програма и автобиографијата на кандидатите за министри“, изјави Заев за ТВ21.

И извори на „360 степени“ од декларираното мнозинство вчера потврдија дека надминати се недоразбирањата во ДУИ со што е отворен патот за скорешен избор на новата влада во Собранието.

Ако на мнозинството утре му успее да ја заврши измената во пратеничкиот состав, а поради заминување на министерски позиции треба да се повлечат 7-мина пратеници од СДСМ и еден од ДУИ (плус Флорин Бесими), тогаш мандатарот Заев веќе в среда би можело да ги достави до парламентот предлог-составот и програмата за работа на новата влада.