За една недела зголемен бројот на заболени по вторпат од ковид-19, досега во земјава има 1.013 реинфекции

11

Триесет и шест лица во земјава во периодот од 13 до 19 декември по вторпат се заразиле со ковид-19, што е зголемување од 38,5% во однос на претходната недела, вели извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Заклучно со 19 декември, вкупно се регистрирани 1.013 реинфекции (0,5%), од кои две се втори реинфекции.

Од 13 до 19 декември тестирани се вкупно 19.943 материјали, со зголемување од 8,1% во однос на минатата недела. Регистрирани се 1.922 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, со намалување од 8,0% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 6,9% до 12,4%, просечно 9,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (960; 49,9%), со неделна инциденца – 151,4/100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци 259,6/100.000.

Во oовој период регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (н=439, 22,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (н=67; 3,5%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи. Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.015 (52,8%) лица од женски и 907 (47,2%) од машки пол. Со статус оздравени се стекнале 1.963 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Пријавени се 66 смртни случаи во 22 градови во текот на изминатата недела. Бројот на починати е непроменет во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (19). Во однос на возраста, најголем број (53; 80,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (2) и 30-39 години (1).

Во болниците моментално се хоспитализирани 347 лица (18,7% помалку во споредба со претходна недела), а од нив 243 се на кислородна поддршка (1,6% помалку во споредба со претходна недела) и 12 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (7,7% помалку во споредба со претходна недела).

Според ИЈЗ, заклучно со 19 декември, вакцинирани се вкупно 853.314 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство, комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 822.300 лица, а со трета доза се вакцинирани 89.546 лица.