(ИНФОГРАФИК) Туризмот во Црна Гора – Сон или јаве од милијарда евра

Летната сезона во Црна Гора донесе одлични финансиски резултати, а од престојнава зима се проектираат 100 милиони евра. Во 2022та пак се планира приход од 300 милиони евра поголем од годинава.

27

По летната сезона, која донесе одлични финансиски резултати, Црна Гора е фокусирана на подготовките на зимската туристичка сезона. Но доколку се земе во предвид пандемијата и нејзиниот неизбежен ефект врз туристичките текови, целната група на Црна Гора за зимава се гости од регионот, но и домашни гости. Тоа значи дека во фокусот на промотивните активности ќе бидат туристите од соседните земји, благодарение на кои и може да се каже дека Црна Гора повторно се враќа на мапата на туристички дестинации.

Ова за “Vijesti.me” го изјавија од Министерството за економски развој со кое раководи моментално министерот Јаков Милатовиќ. Според официјалните податоци на МЕР, Црна Гора во летната сезона до крајот на септември заработила 700 милиони евра, додека од зимската сезона се очекува да заработи дополнителни 100 милиони.

Зимската сезона неизвесна поради Ковид-19

Сепак, резултатите од зимската туристичка сезона засега се под знак прашалник, бидејќи истата зависи од здравствената епидемиолошка состојба. Досега, Министерството за здравство на Црна Гора забрани организирање на новогодишни прослави на отворено, а конкретни здравствени протоколи за зимската сезона се уште не се официјално презентирани.

Од Националната туристичка организација (НТО) за Вијести велат дека е рано да се зборува за тоа каква зимска сезона ја очекува Црна Гора бидејќи во голема мера е и условена од зимските услови, но и од фактот дека целиот свет се наоѓа во неизвесна епидемиолошка ситуација.

-Хотелската и туристичка индустрија и ски центрите ќе ја приспособат ценовната политика на пазарите од кои очекуваме најголем број гости, а покрај пристапните цени на ски картите ќе има и атрактивен пакет кој ќе вклучува квалитетна велнес и спа програма. Општините во соработка со локалните туристички организации планираат да организираат културно-забавни настани, како што се новогодишни базари, детски програми но и новогодишна програма преку која Црна Гора е препознаена како топ дестинација во регионот. Но, дали и колку ќе се реализира зависи од здравствената состојба и епидемиолошките мери кои ќе бидат на сила, велат од НТО за “Vijesti.me” .

Во 2019 година, државата од туризам заработила рекордни 1,1 милијарди евра и остварила 13,925 милиони ноќевања, додека пак минатата година поради пандемијата остварила само 135 милиони евра.

-Спроведуваме низа активности со цел што подобро да се подготвиме за зимската туристичка сезона. Преку континуирани седници на Координативното тело за подготовка и следење на туристичките сезони, постигнавме одлична комуникација со другите министерства и со сите оние кои допринесуваат за подобра реализација. Ја следиме епидемилошката состојба и сме во постојана комуникација со Министерството за здравствО и Институтот за јавно здравје и веруваме дека состојбата ќе се стабилизира и бројот на вакцинирани граѓани ќе се зголеми, велат од МЕР.

Оттаму и додаваат дека конкретни мерки се уште нема, но дека истите ќе бидат балансирани и ќе воспостават рамнотежа меѓу оддржување на здравјето но и на економската активност.

-Разговараме и со преставниците на туристичката индустрија, локалните самоуправи, инспекциските служби, а во пресрет на сезоната очекуваме да одредиме како ќе се одвива ситуацијата. Пандемијата трае веќе 2 години, а веќе постојат и модели за реагирање на различни промени кога станува збор за епидемиолошката состојба. Секако личниот допринес на секој од нас е секогаш приоритет, додаваат од МЕР за “Vijesti.me”.

Успешно лето

Претседателот на Комисијата за туризам и угостителство при Стопанската Комора на Црна Гора, Ранко Јововиќ за “Vijesti.me” изјави дека годинешнава летна туристичка сезона била успешна кога станува збор за туристичкиот промет.

-Во првите 9 месеци се остварени 295 отсто повеќе пристигнувања (1,53 милиони) и 320 отсто повеќе ноќевања (9,08 милиони) во однос на истиот период споредено со 2020та година. Туристичкиот сообраќај во колективните и индивидуалните сместувања за првите 9 месеци има реализација од 65 отсто од пристигнувања и 68 отсто од ноќевања споредено со иститот период од 2019та година. Од вкупниот број ноќевања во првите 9 месеци, 29 отсто се реализирани во колективно сместување (2.67 милиони), а 71 отсто во индивидуално сместување (6,41 милиони). Во целост, 96 отсто од туристите се странски, а 4 отсто домашни, вели Јововиќ.

Според неговите зборови, ако се гледа само колективното сместување, за 9 месеци имало 631.970 пристигнувања, што е за 163 отсто повеќе од истиот период лани но за 41 отсто помалку од истиот период 2020та година.

-Според податоците од тековната сметка на платниот биланс на Црна Гора, приходите од туризмот во првите 3 квартали во 2021 година изнесуваат 699,7 милиони евра и бележат раст од 474 отсто во однос на истиот период лани, додава тој.

Од Црногорското туристичко друштво неодамна за “Vijesti.me” изјавија дека сметаат дека летната сезона била успешна.

-Со оглед на тоа дека немаше предсезона, но и фактот дека пост-сезона беше доста проблематична и не е ни на приближно ниво како таа во нормални услови, овие 45 дена од главната сезона беа добри, бидејќи извлековме многу повеќе пари во споредба со 2020 година, вели претседателот на Црногорското туристичко друштво, Жарко Радуловиќ.

Тој и додава дека оваа сезона доминирале гости од регионот и дека целата промоција во наредниот период треба да биде насочена кон привлекување на истите гости, бидејќи ограничувањата со авиолиниите се голем проблем, особено за периодот пред и по сезоната. Тој објаснува дека авиокомпаниите претежно летаат во шпицот на сезоната и дека Црна Гора од октомври до почетокот на мај нема летови од повеќе дестинации од кои долшле бројни гости

-Главниот проблем што треба да се реши час поскоро е воздушното поврзување на Црна Гора и тоа во следните две до три години. Странските компании работат во свој интерес, а сведоци сме колку многу изгубивме со затворањето на Монтенегро ерлајнс која имаше многу важни линии за нас. Само времето ќе покаже колку изгубивме и ќе изгубиме во наредни години, вели Радуловиќ.

Ставот на Комисијата за туризам и угостителство при Стопанската Комора на Црна Гора е дека недостатокот на работна сила на сезонските места во туризмот е главната бариера и дека иако туристичката индустрија е постојано посветена на создавање средина каде ќе им се дава приоритет на домашните работници сепак сегашната понуда на професионалци во туристичкиот сектор не е задоволителна.

-Затоа е исклучително важно да се дефинира посебна програма и да се започне со изработка на нова Стратегија за развој на човечки ресурси во секторот туризам во Црна Горра, а потоа и развој на добри центри за специјална обука на кадар од сите профли, вели Ранко Јововиќ.

Цените во зимската сезона ќе бидат достапни за секого

Од Националната туристичка организација за “Vijesti.me” велат дека веќе спроведуваат план за промотивни активности за престојната зимска сезона и дека фокусот е ставен на домашниот и регионалниот пазар, како и на сите они пазари со кои Црна Гора има воздушни врски во текот на зимските месеци – како што се Турција и Украина од кои забележува одреден интерес.

Имено, со учество на промотивни настани кои се оддржале во живо или виртуелно, Црна Гора се преставила во Унгарија, Полска и Турција, а бележи и еден успешен настап и на саемот за туризам World Travel Market кој се оддржа во Лондон.

-Во наредниот период посебно внимание треба да посветиме на домашниот и регионалниот пазар, со фокус на Србија, Албанија, БиХ, Косово и Словенија, имајќи предвид дека тие се државите од кои примаме најмногу гости во текот на зимата, велат од НТО.

НТО потсетуваат дека пред почетокот на летната туристичка сезона се донесоа збир на здравствени протоколи под мотото “Црна Гора како безбедна и одговорна туристичка дестинација” како и дека Црна Гора е носител на меѓунaродната ознака “Безбедни патувања” што е потврда дека се уствоени глобалните стандарди за здравствена заштита и хигиена.

Во Македонија различни оценки на Владата и бизнисмените

Во Македонија, според последните податоци на Централниот завод за статистика во 2020 година, бројот на туристи е намален за 60 отсто во однос на претходната 2019 година. Она кое што е карактеристично е дека кај странските туристи има намалување од дури 84,4 отсто додека пак кај домашните посетители намалувањето е 18 отсто.

Како што пишува весникот “Коха”, министерот за економија Крешник Бектеши ја прогласи за успешна 2021 година при тоа нагласувајќи дека мерките вродиле со плод. Имено, од јануари 2021 година до јули бројот на туристи се зголемил за 56,6 отсто споредбено со турститие од минатата година.

Стопанската комора пак излезе со поинаква реалност. Тие не го споредуваат бројот на туристи со катастрофалната 2020 година, туку со 2019 година и нивните податоци говорат за катастрофата со која се соочува овој сектор како и потребата од дополнителна поддршка.

-Периодот јануари-јули 2021 година се разликува од првите седум месеци од оној во 2019 година, забележувајќи пад од дури 80 отсто во бројот на туристи и 70 отсто на ноќевањата од традиционалните пазари. Најголем пад постои во Скопје, а следни на листата се и езерските туристички места. Најмал пад во бројки на туристи има на планинските места, изјавила од Стопанска Комора.

Текстот е направен преку проектот кој задно го спроведуваат “Vijesti.me” од Црна Гора и Коха од Северна Македонијa.