Кинеските работници ќе дојдат во Македонија по 14 дена во карантин

4

Кинескиот амбасадор во земјата Џанг Ѕуо на денешната средба со министерот за здравство Венко Филипче рекол дека работниците кои работат во кинеската компанија „Синохидро“ и кои редовно транзитираат на релација Кина-Северна Македонија имаат препорака да се вратат покасно, соопштија од Министерство за здравство. Од таму додаваат дека амбасадорот информирал дека непосредно пред доаѓањето во Македонија, 14 дена тие ќе бидат во карантин по што со најава ќе дојдат во земјата.

Вчера Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање апелираше да се преземат соодветни превентивни мерки за да се спречи евентуална појава на коронавирусот посочувајќи на кинеските работници од „Синохидро“. Таа компанија работи на изградба на патот Кичево-Охрид.

Од министерството за здравство наведуваат дека со ова дополнително се активираат мерките на претпазливост од можност за коронавирус и ги набројуваат мерките за превенција меѓу кои: да се воведе дополнителна заштита на храната и при подготовка на храната, да се внимава на личната хигиена, да се штити населението од настинки, да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари и други.