Кој колку места освои во бугарскиот парламент?

14

Според податоците од агенциите „Галуп“ и „Тренд“, коалицијата „Продолжуваме со промената“ (ПП), предводена од двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев, станува прва политичка сила во Бугарија. Од паралелното пребројување, „Галуп“ прогнозира 69 пратенички места за ПП, додека „Тренд“ – 70, објави НОВА.

Народното собрание на Бугарија го сочинуваат 240 пратеници што значи дека за мнозинство се неопходни најмалку 121.

Според „Галуп“, „Продолжуваме со промената“ освоиле 26,3 проценти од гласовите, што значи 69 пратенички места. Вторите според изборниот резултат – ГЕРБ-СДС, ќе имаат 60 пратеници. 30-мина ќе бидат пратениците на ДПС. По нив следува БСП со резултат од 10,4 отсто или 27 места во парламентот. „Има таков народ“ освојува 24 места. Пратеничката група на „Демократска Бугарија“ ќе се потпира на 17 пратеници, а новиот играч во Народното собрание – „Преродба“ ќе влезе со 13 пратеници.

Според паралелното пребројување и 100% од примерокот на агенцијата „Тренд“, победници се „Продолжуваме со промената“. Собираат 26,1 отсто од гласовите, што значи дека во парламентот ќе имаат 70 места. ГЕРБ-СДС ќе добие 11 помалку. Следуваат ДПС со 28, БСП – со 27 места, ИТН – со 26, ДБ – 17 и “Преродба” – 13.

Со голема извесност се наметнува идна соработка на три политички групации – „Продолжуваме со промената“, коалиција предводена од двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев, „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов и „Има таков народ“ на Слави Трифонов.

Сепак, трите групации сами нема да имаат мнозинство (според проекциите, се движат меѓу 110 и 115 пратеници), па ќе им треба четврти партнер. А со оглед на тоа што исклучуваат преговори со ГЕРБ и ДПС, потенцијалниот четврти партнер за влада треба да се бара во БСП на Корнелија Нинова.