Леброн: Го сакам проклетиот респект

15

Лос Анџелес Лејкерс по пауза од 10 години ја освои шампионската титула во НБА лигата, а најзаслужен за тоа е Леброн Џејмс.

„Кралот“ Џејмс веднаш по четвртиот триумф над Мајами хит во финалната серија, јавно изјави дека организацијата на „езерцата“ сака да им укаже респект кој овие кошаркари го заслужуваат.

– Кога дојдов тука, во Лејкерс, реков дека оваа организација ќе ја однесам таму каде што заслужува да биде. Вредноста на оваа титула е неверојатна, многу ми значи. Сакаме респект, Пелинка сака респект. Јас го сакам проклетиот респект – изјави Џејмс.

Џејмс очекувано беше прогласен за најдобар играч во финалната серија, во последниот шести натпревар оствари трипл-дабл од 28 поени, 14 скокови и 10 асистенции.

– Навивачи на Лејкерс, минатата година кога не се пласиравме во плејофот ви реков дека тоа нема долго да трае. Не можам да дочекам да се вратам во Лос Анџелес. Немаше да издржиме и да успееме во „меурот“ без вашата сила, многу ни недостасувавте – порача Џејмс кој исто така додаде дека сила му даваше и податокот дека има нешто да докаже.

– Тоа ми даваше сила последните година и половина, уште од мојата повреда. Што е да правев досега во кариерата, секогаш постоеја сомнежи или споредби со историјата на кошарката и тоа преку зборовите „Дали го направи ова или она“. Тоа ми беше главниот мотив да успеам.