Мерката за задолжителен вакцинален сертификат за влез на многу места го зголеми интересот за имунизација

24

Задолжителното приложување сертификат за примена најмалку една доза вакцина, за влез во многу места и за присуство на разни настани, го зголеми интересот за вакцинирање во земјава.

Така, до вчера во државата вкупно се аплицирани над еден милион и сто дози вакцини, а целосно вакцинирани со две дози се 491 169 граѓани. Само во еден ден прва доза вакцина вчера примиле 11 925 граѓани.

Но, паралелно со вакцинацијата, расте и бројот на новозаразени, кој веќе два дена е по околу 1 000 лица на ден, а расте бројот и на починати како компликација од вирусот. Министерството за здравство вчера соопшти дека во претходното деноноќие се регистрирани 15 починати лица и 1 081 новозаразени.

Сертификат за примена најмалку една вакцина против ковид-19 или доказ дека болеста е прележана пред 45 дена, од вчера се потребни за влез во кафуле, обложувалница, трговски молови, казина, културни настани и секаков вид прослави. Мерките се дозирани со цел да се зголеми опфатот за вакцинација и да се спречи ширењето на вирусот, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Десеттина проценти од сите кои се дијагностицираат во текот на денот, како што рече, се вакцинирани. Исто така, десеттина проценти од хоспитализираните се вакцинирани.

„Тоа што охрабрува е дека од вкупната бројка вакцинирани која во текот на вчерашниот ден достигна 600 000 многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили 0,002, што значи дека главниот проблем е во бројот на граѓани кои не се вакцинирани. Воопшто немаме проблем со тие кои се вакцинирани, и во другите земји заболуваат, меѓутоа за 20 пати е помал ризикот од смртен исход ако заболи некој кој е вакцинира“,

рече Филипче.