Мицевски: Недозволиво е закон за попис, кој се спроведува еднаш во деценија, да се носи по скратена постапка

14

Ниту една од суштинските забелешки на опозицијата не е внесена во новиот закон за спроведување на пописот следната година, реагира координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Во изјава за „360 степени“, тој најавува амандмани во текот на расправата во собраниската Комисија за европски прашања, ама посочува дека времето за амандманска расправа е ограничено на два дена, поради тоа што законот за попис се носи со европско знаменце, односно како дел од европските директиви. Никола Мицевски

„Недозволиво е закон што се носи наменски и еднаш на десет години, а се однесува на толку значајна и обемна статистичка операција, да се носи по скратена постапка: Наместо тоа, имаше доволно време досега да се спроведе широка јавна расправа за ова прашање. ВМРО-ДПМНЕ има сериозни забелешки на предложеното решение. Ќе поднесеме амандмани и ќе видиме што ќе произлезе од амандманската расправа, односно дали овој пат ќе бидат прифатени нашите сугестии за организацијата на пописот следната година“,

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека опозицијата ќе го поддржи предлогот за распишување оглас за избор на нов состав на ДИК, затоа што на досегашните членови им истекува мандатот, а и Алијансата за Албанците треба да добие место во Комисијата, согласно резултатите од изборите на 15 јули. Но, Мицевски реагира затоа што и предлог-законот за Агенцијата за разузнавање Владата го достави во собраниска процедура по скратена постапка и исто така со европско знаме.

„Овој закон е дел од реформите во безбедносниот сектор за кои имаше консензус меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата. Затоа не ми е јасно зошто се инсистира и еден ваков закон да се носи по скратена постапка“, вели Мицевски за „360 степени“.

Во петокот вечерта Владата донесе нови предлог-закони за Агенцијата за разузнавање и за пописот и ги пушти во собраниска процедура по скратена постапка и со европско знаменце. За овие закони Собранието ќе расправа на седницата што почнува денеска.

Со европско знаме, законите за попис и за Агенција за разузнавање ќе се бранат од опозициска блокада во парламентот

Иако пред десетина дена Собранието ја утврди потребата од донесување закон за попис, односно овој закон, и претходно обележан со европско знаменце, помина во прво читање, Владата, сепак, одлучи да го повлече и да поднесе нов предлог, но по скратена постапка. Објаснувањето е дека претходниот закон бил со застарен рокови, со оглед на тоа што првично беше планирано пописот да се одржи во април годинава, но операцијата беше одложен поради закажувањето на предвремените парламентарни избори.