Мурињо со епска изјава зошто Арсенал го назначи Артета за менаџер

13

Секоја прес-конференција на Жозе Мурињо е специјална. Неговите изјави секогаш носат прекрасни наслови во медиумите, а неговите коментари околу назначувањето на Микел Артета за нов менаџер на Арсенал секако уште долго ќе се паметат.

Португалецот е зачуден што елитен тим како Арсенал се одлучи да му даде шанса на Артета, во однос на некој поискусен и потрофеен менаџер како Карло Анчелоти.

„Единствената поента што можам да ја најдам (во назначувањето на Артета), за да се насмееме малку, е дека во минатото најдобрите менаџери беа тие со најмногу победи, а сега најдобриот човек е оној со најмалку порази. Анчелоти има три титули во Лигата на шампиони, ја има освоено лигата во Италија, Франција и Англија и има освоено уште неколку купови, но Анчелоти има порази, не знам колку, можеби 200 во кариерата?

Јас имам од 150 до 180 порази, Карло е нешто постар од мене. Мислам дека сега не е во прашање колку си освоил, туку колку натпревари не си загубил. Па затоа веројатно сега најдобрите менаџери се оние со 0 порази. Единствената причина што ми паѓа на ум е дека челниците го гледаат резимето на менаџерите и гледаат само кои имаат повеќе порази и кои помалку порази. Па затоа на менаџерите со помалку порази им ја даваат работата. Не гледам друга причина“, изјави Мурињо.

За Микел Артета ова ќе биде прва самостојна менаџерска работа, откако изминатите две ипол сезони му беше помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер сити. Тој е поранешен фудбалер и капитен на Арсенал.