Научниците не се сигурни дали можете двапати да се заразите со ковид-19

32

Не е познато дали некое лице кое оздравело од ковид-19 може да се разболи повторно. Но, новите студии покажуваат дека антителата произведени природно кај пациенти со коронавирус не траат многу долго. Едно истражување сугерира дека владите кои размислуваат за „пасоши на имунитет“ за луѓе со антитела на ковид-19 треба да го преиспитаат таквиот план.

Една нова студија од Кина покажува дека нивоата на антитела пронајдени кај пациенти со ковид-19 паднале драматично два до три месеци по инфекцијата.

Истражувачите велат дека нивните наоди го отвораат прашањето за долготрајноста на каков било имунитет против коронавирусот.

Студијата, објавена во списанието „Nature Medicine“ ги поддржува аргументите на оние кои велат дека физичкото дистанцирање и другите ограничувања на јавното здравство треба да продолжат.

Сè уште нема дефинитивен одговор дали закрепнатиот пациент од ковид-19 може да се зарази со болеста по втор пат, или колку долго може да биде имун.

Ковид-19 во кланица во Германија ја загрозува стратегијата за локални мерки

Но, студијата од Кина укажува дека идејата за издавање на таканаречен „пасош на имунитет“ за оние за кои е докажано дека имаат антителата би можело да биде ризично во однос на контролата на истите.

Некои земји ја истражуваат идејата да им издадат вакви документи на оние што имаат позитивен тест на антитела – кои остануваат во телото откако некое лице го имало коронавирусот.

Антителата се специфичен вид на протеини, произведени во телото на човекот, што му овозможуваат на неговиот имунолошки систем да идентификува и да се спротивстави на странски тела, како што се вирусите.

Од почетокот на пандемијата, научниците се прашуваат дали сите заразени со коронавирус произведуваат антитела – и оние со симптоми и оние кои се асимптоматски.

Истражувачите исто така се обидоа да утврдат колку долго остануваат антителата кај пациент кој оздравел од ковид-19.