Пендаровски: Од „Фајзер“ ни рекоа дека нивна деловна политика е да не разговараат со држави под 2 милиони жители како нас

9

Претседателот на државата Стево Пендаровски синоќа на емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека тој со уште еден министер биле во комуникација со компанијата „Фајзер“ од каде им било укажано дека сега предност имаат големите држави со стотици милиони жители, додека не разговараат со држави помали од два милиони. Пендаровски рече и дека пишувањата на „Ла верита“ за набавките на вакцините треба да се проверат.

„Да споделам една коресподенција која јас и еден од нашите министри ја имавме со најголемата компанија „Фајзер“ пред Нова Година кога се обративме во седиштето. Прво не прашаа која е големината на потенцијалните консументи, и кога кажавме дека сме околу два милиони луѓе, разговорот брзо заврши. Рекоа дека во овој момент имаат побарувања од држави со стотици милиони жители. Таква им била политиката, да не разговараат со држави кои имаат помалку од 2 милиони жители“, рече Пендаровски кој додаде дека системот „Ковакс“ потфрлил.

За пишувањата на италијанскиот весник „Ла верита“ во врска со набавката на вакцините, Пендаровски рече дека тие тврдења треба до крај да се проверат. Без разлика на кредибилноста, шефот на државата смета дека она што се објавува дали во медиум или социјална мрежа треба со должно внимание да се „претресе“ од сите агли.

„Треба да се провери до крај тоа што тие го објавуваат како документи од кореспонденцијата со некои кинески фирми, плус и таа со кинеските институции – МНР. Имаме информација од министерот за здравство зошто тоа е направено, откако од кинеското МНР им е посочено дека тоа не е патот по кој треба да се оди, тие се враќаат назад и го враќаат тој капар“, рече Пендаровски.

Претседателот вели дека неговите информации се оние кои ги добива од медиумите бидејќи тој не е надлежен да ја бара кореспонденцијата на министерот за здравство во врска со набавката на вакцини.

„Мојата координација со премиерот, со надлежните министри, и министерот за здравство, но со оние за европски прашања или за надворешни работи кои имаат комуникација со надворешни субјекти во овој дел, се сведува само на координација кој каде може и што добил како информација од странски држави. Но, не и во делот на конкретната документација која и до кого е праќана“, изјави Пендаровски.