Синдикатот на културата најавува штрајк од 16 декември

8

Синдикатот на културата најавува штрајк од 16 декември доколку во најкус можен рок не се финализираат преговорите за колективниот договор и тој не биде потпишан со обврска за негово целосно спроведување од 1 јануари в година.

Од Синдикатот велат дека причината за активирање на штрајкот е поради, како што велат, ненадејното и неоправдано прекинување на работата на работната група за изготвување предлог-колективен договор.

„Имено, последниве 10 дена работната група за колективен договор во Министерството за култура не е активна, односно работата е неосновано прекината од страна на Министерството. Како синдикат што директно е вклучен во преговорите, изминатите денови се обидувавме да ги дознаеме причините за ваквиот застој во работата, особено во време кога требаше да се финализира предлог-колективниот договор и да се пушти на јавна расправа. Испративме неколку дописи со барање за продолжување на работата до повеќе официјални лица, но сè уште немаме никаков одговор од кабинетот на министерот Хусни Исмаили или неговиот заменик, Владимир Лазовски“, велат од СКРМ.

Од таму бараат Министерството за култура да одговори зошто работата на работната група за колективниот договор е прекината без никакво образложение, зошто и покрај сите апели за нејзино продолжување, работната група не се активира и дали може Министерството јасно и недвосмислено да каже дека сè уште е на ставот за потпишување колективен договор со спроведување од 1.1.2020 година?

Од Синдикатот потсетуваат дека вработените во културата не бараат покачување, туку уредување на платите и правична валоризција на трудот по основ на колективен договор, кој Министерството, а со тоа и државата, како што велат од СКРМ, им го должи цели 15 години.

„Не сакаме да веруваме дека ваквиот традиционален однос на Министерството е тактизирање со цел продолжување на оваа агонија уште една година или како што покажува праксата, можеби уште една деценија. Ги повикуваме сите одговорни лица во Министерството за култура, на чело со министерот и неговиот заменик, да се фокусираат со сите капацитети за итно решавање на проблемот и да не помислуваат да се запишат во редот на личности од неуспешната историја на Министерството, кои проблемите ги туркаат под тепих, затоа што овој пат вработените стојат цврсто на барањата за остварување на своите згазени права и ќе ги искористат сите можни форми на социјална борба“, велат од СКРМ.