Српската Влада му го предаде на КФОР барањето за враќање на силите за безбедност на Косово

7

На меѓународната мировна мисија на Косово (КФОР) денеска на преминот Мердаре и е предадено барањето на српската Влада да одобри враќање на стотина до илјада припадници на српските сили за безбедност на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, јави Радиотелевизија Србија.

Владата таа одлука ја донела на седница одржана синоќа, додека веќе седми ден трае напнатоста на Косово откако локалните Срби, протестирајќи поради апсењето на поранешен полицаец и присуството на специјалните единици на косовската полиција на север, поставиле барикади.

Одлуката на Владата, усвоена едногласно, ја соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ, наведувајќи дека КФОР ќе го одбие тоа барање.

– Мислам дека не постои можност тие да го прифатат нашето барање, рече синоќа Вучиќ за Радиотелевизија Србија.

Американските претставници во последните три дена му ставија јасно до знаење на Белград дека Вашингтон се противи на „милитаризирање на проблемот“.

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил оцени вчера дека српската Влада има право да побара од КФОР враќање до илјада припадници на силите за безбедност, но дека е неопходно политичко решение.

Претходно американскиот заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар порача дека „барикадите на северот на Косово треба мирно да ги отстранат тие кои ги поставиле“ и нагласил дека „САД се противат на доаѓањето на српската Армија на север“ и дека „Србија и Косово мора да постигнат правно обврзувачки договор“.