Уште пет дена од кампањата

45

Партиите и денеска ја продолжуваат предизборната кампања. Коалицијата Можеме денеска е во Прилеп и Маврово Ростуше. Коалицијата Обнова на Македонија денеска ќе одржи собири во Дојран Богданци, Валандово и Гевгелија. Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и кандидатот за прв Албанец премиер Насер Зибери ќе ја посетат тетовската слободна економска зона каде што ќе учествуват на инагурацијата на најновата инвестиција. Коалицијата „Сега е време” ќе одржи прес-конференција на плоштад „Скендербег”. Претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев и носителот на кандидатската листа за пратеници во ИЕ 3, Борис Крмов, ќе имаат теренски активности во Велес.

Претставниците на СДСМ во рамки на предизборната кампања, зборуваат за концептот „Едно општество за сите“, европските перспективи на земјата, демократијата, првото и правната држава. Ги истакнаа реформите направени во јавното здравство и за следниот мандат, доколку издвојат победа на претстојните парламентарни избори, ветија повисока социјална помош за лицата од ранливите категории. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваат на најмалку 25 проценти поголема просечна плата во земјава, 20 отсто поголеми пензии за пензионерите и најмалку двапати годишно раст на пензиите, четири милјарди евра инвестиции, домашни и странски, невработеност под 10 отсто, рамен данок најнизок во Европа од осум проценти, данок од нула проценти за вработен млад човек до 29 години, субвенција до 50 проценти за секој којшто ќе одлучи да ја смени фасадата, за топол дом, за помали трошоци, како и на закон за потекло на имот на сите политичари.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера порача дека ќе донесат и закон за проверка на имотот на политичарите, а тој ќе биде првиот кој ќе биде подложен на ветинг.

Мицкоски посочи дека граѓаните ако гласаат за ВМРО-ДПМНЕ веќе во Македонија нема да царува криминалот, а власта да го сокрива криминалецот како што беше обичај на СДСМ.

„Луѓето од оваа власт продадоа се што имаше за продавање. И повторно денес ги слушаме со истата теза дека морало ова да се направи за Македонија да биде дел од Европа и за да подобро се живее, појасни Мицкоски.

Тој на граѓаните им вети дека сите проекти предвидени во програмата ќе бидат реализирани во текот на четиригодишниот мандат.

„Тие проекти ќе помогнат во подобрувањето на животот на граѓаните, но и ќе помогнат на Република Македонија“, истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека доаѓаат четири победнички години, заминува срамното минато.

„Нашата програма Обнова е создавана многу внимателно, во која учествуваа експерти политички и неполитички определени, во читанката од 360 страни ќе најдете буквално за секого по нешто, порача Мицковски.

Тој истакна дека за наредните четири години предвидени се над 600 милиони евра за земјоделците, а иновативен начин платен трудот, а не како што рече нивите да останат неизорани и неожнеани. Нудат и реформи за враќање на правната држава, како и враќање на националното достоинство и исправање на сите грешни политики. Здравство кое ќе се темели кон превенцијата, а не кон тули и тендери, како и изградба и реконструкција на нови 1.000 километри патишта.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во Гостивар порача дека тој град отсекогаш бил пример за мултиетничноста, пример на единство и сплотеност.

„Тоа е иднината, тоа единство и заедништво е единствениот исправен пат, модел кој може да јакне и на економски план, и како народ и како држава и како луѓе. Тоа е единствениот модел кој може да им гарантира подобра иднина на нашите деца. Ви благодарам што верувате во тој концепт, ви благодарам што верувавте во овој концепт и кога многу други не веруваа“, порача Заев.

Тој додаде дека со носењето на Законот за употреба на јазиците, никој не загубил ништо, а со него се доби само повеќе единство и меѓусебно разбирање.

Кандидатот на ДУИ за премиер Насер Зибери при посетата на Струга ја истакна важноста на ова патување, откривајќи им ја идејата на првиот албански премиер, кој претставува силен симбол за еднаквост, мултиетничност и современа демократија, исто така и идејата за подобар живот за сите.

„Поради оваа причина очекуваме поддршка не само од албанските граѓани, туку и поддршка од Македонците и другите етнички заедници“, нагласи Зибери.