„Фајзер“: Нашите шишенца содржат шест, а не пет дози вакцина

17

Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“, кој произведува вакцина развиена од германската компанија „Бионтек“, смета дека секое од неговите шишиња со вакцина содржи шест дози, а не пет.

Бидејќи шестата доза во пракса е технички тешко да се извлече од шишенцето, многу земји спорат со „Фајзер“ бидејќи тоа значи дека ќе се соочат со пад на снабдувањето со вакцини.

До неодамна, официјално се сметаше дека секое шишенце од вакцината на „Бионтек“-„Фајзер“ содржи пет дози.

И американските и европските регулатори сега веруваат дека шишето содржи шест дози и ја одобриле употребата на шестата доза.

Но, Европската агенција за лекови забележува дека шестата доза зависи од достапноста на специјални шприцови.

За да се користи шестата доза од шишето, потребни се специјални шприцови со мал „мртов простор“. Мртвиот простор е количина на производ што останува во шприцот кога клипот ќе се истисне целосно.

Производителот на медицинска опрема, американската компанија Бектон Дикинсон (БД), вели дека има малку такви шприцови на залиха.

„Шприцовите со мал мртов простор традиционално се малку барани“, рече портпаролот на компанијата. Производствениот капацитет е ограничен и ќе биде потребно време да се зголеми.

Со класични шприцови тешко е да се добие шеста доза, што значи дека ако „Фајзер“ испорача помалку шишенца, помалку луѓе ќе се вакцинираат.