Филипче: Вакцинирањето против ковид-19 ќе биде бесплатно

149

Во интервју за „Слободен печат“, старо-новиот министер за здравство открива дека ќе се набавува оксфордската вакцина ,,Астра зенека” која ќе се користи и во земјите од ЕУ
Државата ќе издвои буџет и вакцинирањето против ковид -19 ќе биде бесплатно, нјавива министерот за здравство Венко Филипче.

Во интервју за „Слободен печат“ тој говори за актуелната ситуација со ковид-19 во земјава, за очекувањата за наесен и за најавите за набавка на оксфордската вакцина ,,Астра зенека” која ќе се користи во земјите членки на ЕУ.

„Имаме два механизми во овој момент за набавка. Едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација. Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Во меѓувреме, добивме и понуда од полската амбасада, за што сакам да му изразам благодарност на амбасадорот на Полска во нашата земја. Земјите членки на Европската Унија потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина ,Астра зенека’. Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Дефинитивно, со двата механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно“,
вели Филипче.

Тој смета дека има промена во јавната свест во однос на вакцината, за разлика од претходно кога беше прилично силна антиваксерската пропаганда придружена со лажни вести.

„Сметам дека сега, кога има болест за која нема вакцина, луѓето стануваат свесни колку вакцинацијата е всушност важна. И затоа мислам дека апсолутно нема да има отпор така како што имало во минатото, зашто болеста е тука, свесни сме и за нејзината тешка форма кај некои пациенти и нема да има отпор кај граѓаните тогаш кога вакцината ќе биде достапна“, истакнува Филипче.