Ходаи по средбата со Заев: Има волја, дискутиравме кои се можните решенија за матурата, ако нема ќе кампуваме

19

Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, вели дека има волја кај премиерот Зоран Заев за да најде компромис во однос на нивните барања околу државната матура, а ако не се најде некакво решение од 1 март најави поставување кампови пред Министерството за образование и наука (МОН).

„За разлика од министерката Мила Царовска која не сака да дискутира, премиерот Зоран Заев има волја за да се најде решение што побрзо за да не изгубиме и ние како матуранти зашто ова е период кога тие што сакаат да студираат надвор треба да почнат со запишување на странските универзитети и овој процес не треба да биде на штета на матурантите“,изјави Ходаи.

Тој рече дека тие како средношколци со Заев разговарале кои се можните компромиси доколку во Собранието не се донесе закон со кој ќе се скратат од 4 на 2 предметите за полагање државна матура.

„Ова го имаме кажано и во јавност, дека можеме да направиме комбинација во однос на тоа дали да има укинување на еден интерен или на еден екстерен испит за да се намали бројот на екстерните и на интерните предмети. Многу важно за што зборувавме беа и скратените програми, моментално само 4 предмети имаат скратени предмети тоа се македонски, хемија, физика и географија, но ние сакаме сиот материјал изучуван од почетокот на пандемијата односно од март 2020 до крајот на оваа учебна година да има скратени програми за да имаме фер одржување на државната матура“, изјави средношколецот.

Ходаи повтори дека тие даваат рок до крајот на февруари за да се најде решение за нивните барање, а очекува дека ќе има притисок и од меѓународната заедница.

„Ако не се најде решение, од 1 март ќе кампуваме, ќе има многу притисоци и од амбасадите и сигурно ќе се најде решение и ќе бидат прифатени нашите барања. Ние сме децидни во нашите барања, но и сме отворени да најдеме решение“, порача Ходаи.

По средбата се огласија и од Владата од каде рекоа дека претставниците на Сојузот му ги образложиле на Заев своите барања повикувајќи се на образовни модели во Франција, Белгија и Обединетото Кралство, каде е намален бројот на предмети кои матурантите ќе ги полагаат годинава.

„Како одговорна Влада инвестираме во младите луѓе и водиме грижа за квалитетно образование и понатамошен напредок. Свесни сме дека во време на коронакризата е потребно да излеземе во пресрет и низ дијалог да изнајдеме компромисни решенија“, рекол Заев на средбата.

Матурантите организирани од Сојузот на средношколци од почетокот на второто полугодие ја бојкотираа наставата. Од вчера тие го ставија бојкотот во мирување и им дадоа рок на Владата и Собранието до крајот на месецов да се изнајде решение.

Претходната недела тие имаа средби со пратеници во парламентот и очекуваат дека ќе се исполнат нивните барања.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ застана на страна на матурантите и веќе поднесе предлог-измени на Законот за средно образование во кои се опфатени барањата на матурантите.

Од Министерството за образование и наука, пак, досега неколку пати посочија дека не отстапуваат од актуелниот концепт за државна матура и дека законски измени не може да се прават во од, а нов концепт на матура најавуваат од наредната година. Ставот на МОН е дека има и законска обврска да овозможи полагање на државната матура, зашто над 14 илјади матуранти во законскиот рок (крајот на декември) веќе се пријавиле за државна матура и ги избрале предметите по кои ќе бидат тестирани.