Состојба во ковид-центрите: 71 пациент на клиниките во Скопје за 24 часа

6

Вкупно во државата на болничко лекување се речиси 1 200 лица со компликации од ковид
На инфективните оддели во Скопје и во болниците во цела земјава се лекуваат 1 193 пациенти со ковид-19 и има околу 290 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 71 пациент поради компликации од коронавирусот, што е досега најголема бројка на примени во болница во еден ден.

Поради зголемениот број пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид-центарот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар.

Во последното деноноќие, најмногу приеми имало во ГОБ „8 септември“ -26, потоа на Интерните клиники и Ургентен – 24, 15 лица биле примени на Инфективната клиника и во Козле шест нови пациенти.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.

Најмногу од пациентите во Скопје во моментов се во ковид-центрите на Интерните клиники и Ургентен – 230.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 71 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 48 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 24 пациенти, во Велес се лекуваат 57 болен, а во Куманово 94 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 90 пациенти, во Прилеп 103, во ковид-центарот во Гостивар 26, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 41 пациенти, во Кочани осум, во Кичево осум, Кавадарци 74, а во Гевгелија 16 лица, позитивни и сомнителни на коронавирусот.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.